Екипата на КИ Клаксвик од Фарските острови направи голема сензација оваа сезона во квалификациите на ЛШ. Тие со убедливи 0-3 го совладаа шампионот на Унгарија, Ференцварош на гостински терен, откако дури трипати погодија во противничката мрежа во првиот дел. Првиот натпревар помеѓу овие две екипи заврши 0-0.
Во следното коло се пласира и Олимпија Љубљана, откако со идентични 2-1 како и во првиот натпревар ја совлада летонската Валмиера, овојпат на гостински терен.
Никакви проблеми немаше шампионот на Азербејџан, Карабаг, кој со убедливи 4-0 славеше на домашен терен со Линколн од Гибралтар, откако и на првиот меч победи со 2-1.
Изненадување направи екипата на Астана од Казахстан, која со 2-1 на гости го совлада шампионот на Грузија, Динамо од Тбилиси, но откако губеше со 1-0 после првиот дел. Првиот натпревар помеѓу овие две екипи заврши 1-1. За екипата на Астана на овој натпревар 90 минути одигра поранешниот младински репрезентативец на Македонија, Алекса Амановиќ.