Продолжува спортската бајка на ракометарите на Португалија на 29-то СП, со триумфот над Германија и гол за победа во последните секунди од продолжението на дуелот.

Португалците во супер драматично четвртфинале ја добија големата драма со Германија, а мораа да играат и дополнителни 10 минути.

Португалија беше подобар тим и диктираше темпо во три четвртини од дуелот, но во последните 15 минути постојано бркаше негатива и лесно можеше Германија да победи благодарение на својот голман Волф, кој беше чудесен на голот.

Волф со 18 одбрани во 60 минути ја остави Германија во игра за медалите, неговите соиграчи имаа напад за победа при резултат 26:26, но актуелниот олимписки вицепрвак не успеа да испрати удар кон противничкиот гол.

Во дополнителните десет минути, херој беше Мартин Кошта кој постигна три голови, меѓу кои и последниот на пет секунди пред крајот за победа од 31:30.

Неговиот гол донесе ерупција од радост кај Португалските ракометари, а ова за нив е прво полуфинале на едно СП.

Мартин Кошта три од четирите гола постигна во продолжението, неговиот брат Франсиско го заврши мечот со осум реализации, а извонреден беше и Итуриза со седум голови.

Кај Германија, вонсериско издание имаше голманот Волф кој беше несовладлив, имаше вкупно 21 одбрана, а Зербе постигна девет голови.