Кошаркарите на белградски Партизан ја забележаа петнаесетта победа во Евролигата,  во „Штарк Арената“ во Белград беа подобри од Басконија со 86-73. Избраниците на Жељко Обрадовиќ во одлична атмосфера го совладаа шпанскиот ривал и ја постигнаа третата победа по ред, многу важна во борбата за место во плеј-офот. Лидери во тимот беа плејмејкерите суданецот Карлик Џонс со 21 поен и американецот Стерлинг Браун со 19 поени кои го водеа Партизан до овој триумф.

Партизан продолжи со одличните игри во Евролигата каде на последните десет натпревари има скор од осум победи и два порази.

 „Црно-белите“ покажаа две лица на овој дуел, водеа во првиот дел и со 25 поени разлика, во вториот дел попуштија но на крајот  дојдоа до посакуваниот резултат, триумф број 15 во 27. коло од Евро лигата.

Лидерот Олимпијакос убедливо славеше кај Виртус во Болоња со 70-92. Грчкиот гигант со четири победи во низа продолжи да чекори кон плеј офот и е на врвот на евролигашката табела. Најефикасен играч на дуелот беше Кординие кај Виртус со 15 поени, додека кај Олимпијакос четворица имаа по 12 поени: Фурние, Милутинов, Питерс и Везенков.

 Турскиот Анадолу Ефес  дома го совлада најслабиот тим во лигата Алба Берлин со 98-73. Најдобар поединец беше Вецел од Алба со 20 поени, додека Нвора од Ефес погоди 18, а Смитс еден кош помалку.
 Турскиот тим има 13 победи и 14 порази и котира на 12. позиција на седум кола пред крајот.