Мајами хит се пласираше во финалето на НБА-лигата откако во седмиот решавачки дуел како гостин, со 103:84 го победи Бостон селтикс. На домашен терен Бостон имаше историска шанса да стигне до 4:3 откако губеше со 0:3.

Ова беше само четврти пат во историјата на плејофот кога еден тим стигнал од 0:3 до 3:3, а прв кој на домашен терен имаше шанса да комплетира неверојатен камбек, но тоа не се случи.

Бостон поведе со 9:4, но Мајами брзо возврати и со серија 11:2 стигна до предност од 15:11, а по првата четвртина гостите веќе водеа со седум разлика (22:15). На почетокот на втората четвртина предноста на Жешките се зголеми и на 15 поени (33:18), а на полувреме гостите заминаа со водство од 52:41.

Голем малер за Бостон беше повредата на нивниот најдобар играч Џејсон Татум уште во првиот напад на мечот. Татум незгодно доскокна на стапалото на Винсент и го истегна зглобот. И покрај оваа повреда, Татум остана на теренот, но не можеше многу да помогне затоа што болките беа големи, а тој на крајот заврши само со 14 поени.

https://youtu.be/pKXAUUkDbM4

Бостон беше немоќен во целото второ полувреме да се доближи до противникот, а Мајами максимално го контролираше резултатот, па во еден момент од последната четвртина гостите водеа и со 96:73 и беше повеќе од јасно кој ќе победи.

Со оваа победа Мајами обезбеди место во големото НБА-финале, каде што за противник ќе го имаат тимот на Денвер нагетс. Првиот меч од финалето ќе се игра во сабота рано наутро во 2:30 часот, на теренот на Денвер.