Во среда дефинитивно треба да се знае изгледот на Евролигата за сезоната 2022/2023, а растат шансите Србија сепак да добие две места.
Првиот човек на Евролигата, Жорди Бертомеу, не ја исклучи можноста тоа да се случи пред неколку дена за време на фајналфорот во Белград, а според главниот уредник на порталот „Еурохупс“, Арис Баркис, се поизвесно е дека ќе биде така.
Со Црвена Звезда и Партизан во финалето на АБА лигата, речиси е сигурно дека последните три места во Евролигата ќе им припаднат на српските клубови и на Валенсија“, напиша Баркис.
Значи, сигурно е дека шампионот од Јадранот ќе игра во Евролигата, а поразените според оваа најава би добиле специјална покана.
Постоеше можност заедно со Валенсија местото да го добие и финалистот на Еврокупот Бурса, но турскиот тим не е во состојба да го обезбеди буџетот што го бара Евролигата, а тоа е околу 7.000.000 евра.
Според тоа, ќе учествуваат 10-те акционери (Реал Мадрид, Барселона, Басконија, Макаби, Олимпијакос, Панатинаикос, Фенербахче, Анадолу Ефес, Олимпија Милано и Жалгирис), без ЦСКА, која се уште е суспендирана, иако има индиции дека тоа може да се промени.
Потоа носителите на лиценцата: Баерн, Алба и Асвел, па Виртус како победник на Еврокупот, Монако како учесник во плејофот во Евролигата и уште три места преку покани.
Ако му се верува на добро информираниот Баркис, Белград од следната сезона ќе има два евролигаши.