Барселона го замолила Лионел Меси да почека до вторник за да добие официјална понуда за враќање во Каталонија, откако се појавија информации дека неговиот татко и менаџер, Хорхе веќе ја прифатил лудата и неверојатна понуда од Ал Хилал од Саудиска Арабија вредна 1,3 милијарди евра.
Меси сака да се врати во Барселона, има желба да продолжи да игра на највисоко ниво во Европа и усно има начелен договор за годишна плата од 13 милиони евра и договор една плус една година, што е ситно во однос на тоа колку заработуваше во ПСЖ (над 40 милиони евра годишно), а колку би добивал во С. Арабија – 400 милиони годишно.
Проблемот е што Барселона официјално нема доставено понуда до Меси, а проблем е што Каталонците ја чекаат писмената потврда од Ла Лига, која начелно им го одобрила физибилити планот за исполнување на финансискиот фер-плеј, но Барса сака писмена гаранција за да не се случи потоа проблем околу регистрацијата како пред две години, кога Меси беше приморан да си оди и замина во ПСЖ, иако имаше договор со Барса.
Од Каталонија на Меси му порачале да почека до вторник и да не избрзува со прифаќање на други понуди, зашто во Барселона веруваат дека дотогаш ќе ја добијат гаранцијата од Ла Лига и ќе тргнат во акција за да го вратат својот најдобар фудбалер на сите времиња.