Екипата на Реал Мадрид ќе игра во финале од Лигата на шампионите, откако спектакуларен натпревар, и луд финиш го совлада Баерн Минхен (2-1) по нерешениот исход на првата средба во Германија.

Првиот дел помина мирно, без поголеми возбудувања.

На стартот на второто полувреме Баерн тргна полетно, но бргу Реал се консолидира и тргнаа по гол. Две големи шанси имаше Родриго, едната заврши крај голот, а втората со интервенција на Нојер. Германскиот голман се истакна и неколку минути подоцна, откако по слалом низ одбраната биеше Винициус Жуниор, а Нојер атрактивно одбрани.

Баерн имаше обид преку Мусиала кој го скроти Лунин, а резултатот беше отворен во 68. минута. Мусиала украде еднатопка и му додаде на Кејн, па овој одлично упати долга топка кон Алфонсо Дејвис. Бекот на Баерн се снајде како врвен голгетер, го издрибла Рудигер и испрати дијагонала во спротивниот агол од голот на Лунин, фантастичен гол за 0-1 во 68. минута. Бргу Реал успеа да постигне гол кој ги израдува навивачите на „Сантијаго Бернабеу“, меѓутоа бргу се јави ВАР собата. Дејвис си даде автогол по корнерот, ама пред топката да го погоди бекот на баварците имаше фаул од Начо. Капитенот на мадриѓани намерно со раце за врат го оттурна Кимих кој падна и судијата Марчињак со еден поглед кон ВАР-мониторот го поништи голот.

Анчелоти фрли сè на карта напад, а тоа на крајот му се позлати на гигантот од Мадрид. Баварците не искористија неколку меч-топки за гол, па следеше казната. Резервистот Хоселу прво донесе израмнување во 88. минута, откако добро проследи одбиена топка по удар на Винисиус, погоди  за 1-1. Драмата не заврши, Реал тргна по целосен пресврт. Судијата Марчињак одреди девет дополнителни минути, а веќе во првата „кралевите“ дадоа и втор гол. Одново погоди џокерот Хоселу, кој доби асистенција од Рудигер. Иако во прв момент судиите сигнализираа офсајд, прегледот на снимките утврди дека нема недозволена позиција и тоа предизвика делириум во Мадрид. Во долгото продолжение мадриѓани мудро го затворија голот и дојдоа до ново европско финале, во кое за ривал ќе ја имаат Борусија Дортмунд.

„Кралевите“ уште еднаш покажаа дека се можеби најпосебниот клуб во светот кој никогаш не се предава, па така беше и овој пат бидејќи до пред самиот крај имаа негатива со оглед на голот на Алфонсо Дејвис во 68. минута.

 

Крајниот исход е сосема заслужен со оглед што шпанскиот тим ја контролираше играта, додека Баварците ја бараа шансата во контранапади. Реал Мадрид во големото финале ќе ги одмери силите со Борусија Дортмунд во обид да дојде до јубилејната 15. круна во ЛШ.