Македонија ЃП заврши со евроавантурата во квалификациите за Конференциската лига со тежок дебакл 0-4 од фаворитот ЦСКА Софија, меч кој го загубија после ужасните реакции по корнерите од кои примија три од четирите гола на мечот.
„Лавовите“ покажаа заби во првата половина од мечот, двапати се заканија со опасни напади, во кои домашниот голман како трет стопер спречи чист зицер, па Џон Мена лошо биеше во одличната шанса од пет метри, но еден прекин и гол на капитенот Јурген Матеј донесе водство за „армејците“ после спуштената топка од Марсело.
Една лоша реакција му остави простор на Лазар Туфегџиќ да му овозможи зицер на Георги Јомов за рутински втор гол и практично точка на двомечот , но домаќините не застанаа, а „лавовите“ се распаднаа после вториот погодок, за Туфегџиќ во 78-та да го даде и третиот гол после корнер, а Дакенс Назон на три минути пред крајот стави печат повторно со гол по корнер.
За Македонија ЃП ова беше трета елиминација во европски мечеви од бугарски клубови после тие од Локомотив Софија во 2005 и Черно Море во 2007 година од четирите елиминации во македонско-бугарските пресметки на нашите претставници во кои ниту еднаш некој македонски клуб не победил екипа од источниот сосед.