Наполи има извонредна сезона досега и само еден неважен пораз од Ливерпул во ЛШ, а дури осум бода предност во Серија А, па како играат наполитанците, во моментов се главни кандидати за „скудетото“, а под Везув веќе почна да се сонува титулата на која градот чека уште од ерата на најголемиот свој фудбалер – Диего Армандо Марадона.
„Како деца сите ние имавме соништа, сите фудбалери имаат соништа без оглед дали доаѓаат од Македонија, Словачка, Косово, Грузија… Сите тие се мали земји со големи срца и сите ние заедно сонуваме големи работи. И сакам и се надевам дека ќе напишеме историја за овој клуб, за овој град, за овие неверојатни навивачи. Се надеваме и сонуваме за скудето. Секогаш сум спремен да дадам се за Наполи, било да почнам од почеток, било да влезам од клупата“, вели Елмас.
Македонскиот дијамант во Наполи дојде во јуни 2019 година и за него ова е четврта сезона во клубот и веќе влезе меѓу стотината легенди на клубот по број на настапи, а пред десет дена беше клучен во тешко извојуваната победа кај Аталанта во Бергамо со голот за пресврт и триумф со 2-1.
„Досега направивме неверојатни работи како тим, сите сме обединети и на терен и надвор од него и се надевам ќе продолжиме вака до крај. Сите ние во Наполи сме важни, без оглед дали сте стартер, играте пола час, 10 минути или две минути. С:е чувствувам дека сум дел од проектот и сакам тоа да го покажам дека сум подготвен, без оглед дали сум на клупа. Сите напорно работиме секој ден. Без оглед кој колку игра, сите сакаме да дадеме се за тимот – со голови, асистенции, одбрана, спринтови, тактика. Буквално се. Секогаш секој е тука за својот соиграч“, додава Елмас.
Македонскиот репрезентативец лани ја имаше најдобрата сезона со седум гола и пет асистенции и само два пропуштени мечеви, но сезонава е „резервист“ кого Лучано Спалети го користи на најразлични позиции. Официјално е замена за Квича Кварацхелија, но поради поливалентноста Елмас добива и други улоги во средниот ред, а не само како крилен офанзивец.