Екипата на Хајдук Сплит дојде на „Максимир“ како аутсајдер, но успеа да победи и да ги освои трите бода. „Билите“ го победија Динамо Загреб со 0-1 во големото хрватско дерби и се лидери на табелата.
Стрелец на победничкиот гол за Хајдук Сплит беше Марко Ливаја во 70.минута.
Стефан Ристовски и Аријан Адеми беа стартери во составот на Динамо Загреб, а Александар Трајковски поради повреда не беше дел од тимот на Хајдук Сплит.
Победата доаѓа во момент кога сплитскиот тим се наоѓа во голема кадровска криза и внатрешни проблеми кои се закануваа да ја уништат и оваа сезона. Неодамна, по голема драма, си замина Перишиќ, а потоа беше сменет спортскиот директор Никола Калиниќ, но очигледно тоа не оставило трага врз играчите кои успеаја да дојдат до исклучително важна победа.
https://twitter.com/i/status/1834684966900265170Моментот на одлука се случи во 70. минута кога Ливаја доби една топка од Прпиќ во шеснаесетникот, шутираше во пад и успеа да го совлада противничкиот голман. Во финишот Хајдук остана и со играч помалку, но издржа и го сочува водството за триумф.
За Динамо ова е прв пораз сезонава во домашното првенство по што падна на втората позиција на табелата, со еден бод помалку од својот денешен ривал. Ниеден од македонските интернационалци во Динамо не го дочека крајот на мечот, Адеми беше заменет во 58., а Ристовски во 98. минута.