Реал Мадрид можеше да загуби, но ја победи Алмерија со 3-2 со голот на Карвахал длабоко во судиското продолжение, меѓутоа овој натпревар го одбележаа судиски одлуки и реакции од ВАР собата. Се крена огромна прашина за неколку ситуации, а во центар на вниманието беше голот на Винициус Жуниор.
Фудбалскиот сојуз на Шпанија ја објави комуникацијата на главниот судија Франсиско Хернандес Маесо со колегите од ВАР собата. Објавени се случките од три ситуации, а првата е пеналот кој го доби Реал.
„Фран, би ви препорачал да погледнете успорено за да можете да процените дали има казнен удар поради игра со рака од дефанзивецот на Алмерија“, му кажа Хернандес Хернандес на главниот судија и Реал доби пенал.
Комуникација на судиите пред пеналот:
Пет минути подоцна Алмерија даде и трет гол (1-3), а одново се јави ВАР собата. Поради удар над Белингем на средината од теренот, Маесо пак доби повик:
„Дојди да го погледнеш ова Фран. Ви препорачувам проверка поради можен прекршок на средината на теренот од играчот на Алмерија“, му кажа Хернандес од ВАР собата. Откако ја прегледа ситуацијата, Маесо кажа: „Да, ќе свирам фаул во корист на Реал, ќе го поништам голот и ќе доделам жолт картон за играчот на Алмерија“.
Комуникација на судиите за поништениот гол:
Спорен момент беше и голот на Винициус Жуниор кој во 67. минута погоди за 2-2, а тој гол предизвика ерупција од реакции. Спорно беше дали станува збор за рака или рамо, а се гледаше и потенцијален фаул од Жуниор. Тогаш Маесо беше повикан да прегледа и објавено е видео од комуникацијата. Од ВАР-собата Хернандес Хернандес кажа:
„Дајте ми свртено и десно, запрете се на контактната точка. Десно рамо, ете го. Вие проценете дали има прекршок“. Следеше одговор од страна на Маесо: „За мене тука нема прекршок во напад. Се сложувам со вас дека топката го погоди во рамо. Дај ми од високо… Совршено, рамо и нема фаул – ова е гол“.
Комуникација на судиите за голот на Винициус:
Реакциите на ВАР собата и одлуките на судијата Маесо предизвикаа фудбалски земјотрес и бројни коментари, критики и поплаки на навивачите.