Ракометарите на Хрватска Европското првенство го почнаа фуриозно со победа од десет голови разлика против Шпанија, но потоа не одигра ниеден натпревар на високо ниво и денеска официјално ги загуби и теоретските шанси за пласман во полуфиналето.

Најверојатно ќе заврши на последното место во својата група откако загуби од Исланд со 30-35. Ова е првпат во историјата Исланѓаните да ја победат Хрватска на едно големо натпреварување, но ни за нив овој триумф нема големо значење бидејќи и тие немаат шанси за натамошен пласман, освен, евентуално, за олимписките квалификации.

Хрватска денес, главно го диктираше темпото во првото полувреме во кое имаше и четири гола предност (9-5). По серијата од 5-1, Исланд направи пресврт и поведе со 12-11, но нешто подоцна „коцкестите“ одговорија со четири гола по ред за предност од 18-15. Второто полувреме беше чиста спротивност, Исланд почесто беше во водство, а клучна предност направи по серијата од 6-0 по која поведе со 31-25.

Бјарки Елисон со осум гола беше лидер кај Исланд, пред Рикардсон и Палмарсон со по шест голови, додека кај Хрватите, Јелиниќ даде шест, а Дувњак, Начиновиќ, Циндриќ, Срна и Кларица погодија по четири пати.