Кошаркарите на Хрватска по големата победа од 108-92 против Словенија, киксираа во дуелот со Нов Зеланд, загубија со 86-90 и си ги искомплицираа работите околу пласманот на Олимписките игри во Париз.
Клучна беше последната четвртина во која хрватскиот тим уфрли само 7 поени.
Нов Зеланд до победата дојде со одличен финиш. Хрватите имаа +7 (86-79), но следеше серија од 11 поени на аутсајдерот на хартија и така оствари победа. Не помогнаа 29-те поени на Зубац со уште 16 скока и 19-те поени на Шариќ. Кај Нов Зеланд се истакна Или со 18 поени.
На останатите натпревари Црна Гора ја оправда фаворитската улога со Камерун (70-66), додека Литванија убедливо го совлада Мексико (96-84).
Поразот на Хрватите е проблематичен и за Словенија, која сега мора да победи барем со 11 поени разлика против Нов Зеланд за да биде втора во групата и да оди понатаму. Но, вториот од оваа група, во полуфиналето веројатно налетува на домаќинот на квалификацискиот турнир Грција.
Хрватска може да биде прва и да игра полуфинале веројатно со Доминиканска Република, но може да падне и на второ место ако Нов Зеланд ја совлада и Словенија, или Словенците го победат Нов Зеланд. Само победникот на турнирот во Пиреја оди на олимпискиот турнир во кошарка во Париз.