Фудбалската репрезентација на Франција обезбеди пласман во четвртфиналето откако триумфираше против Белгија со минимални 1:0.
Двете репрезентации започнаа претпазливо и во првиот дел скоро и да не видовме некоја посериозна прилика. Французите ја имаа иницијативата, меѓутоа изостануваа идеални прилики за гол.
Белгија беше повлечена на својата половина и чекаше шанса од контра. Второто полувреме донесе подинамична игра, Франција одново повеќе напаѓаше, Белгија повторно имаше помалку напади, но од тие што ги имаше некои беа и тоа како опасни.
Моментот на одлука се случи во 85. минута кога трагичарот од Мундијалот во Катар, Коло Муани се најде во шеснаесетникот шутираше од свртување, а топката од Вертонген заврши во мрежата.
Белгијците можат да жалат за можностите на Де Бруин, Караско и на Лукаку, но, сепак, Франција оди понатаму и го чека подобриот од дуелот Португалија – Словенија во четвртфинална битка.
Франција така до втората победа на шампионатот стигна повторно со автогол откако во првото коло од групната фаза на сличен начин ја победија и Австрија. Во ремито против Полска Мбапе погоди од пенал.