Фудбалската репрезентација на Tурција е последниот четвртфиналист на Европското првенство откако ја совлада Австрија со 2:1. Најзаслужен беше стоперот Мерих Демирал кој вечерва беше расположен за голови.
Уште на стартот во првата минута Турција стигна до водство кога Демирал по корнерот на Арда Ѓулер ја погоди австриската мрежа.
Дефанзивецот Демирал се најде во казнениот простор по една мешаница и по 57 секунди погоди во мрежата на Австријците. Овој погодок беше најбрз во историјата на нокаут-рундите на Европските првенства.
Турција и Австрија играат историски натпревар, затоа што и двете селекции играат за првото четвртфинале на еврошампионатите. Најбрз гол на Турција во историјата на СП и ЕП е оној на Хакан Шукур во 2002 година по десет секунди.
Австрија иако напаѓаше не беше толку опасна до крајот на полувремето, па така Турците на пауза заминаа со минимална предност.
Австрија тргна по израмнување и повеќе напаѓаше во второиот дел, меѓутоа место гол за изедначување, видовме гол за 2:0. Стрелец повторно беше Демирал и одново по корнер на младиот Ѓулер.
Австрија не се откажа и се обидуваше да се врати во игра, сепак постигна само еден гол преку Грегорич кој беше доволен само за пораз од 2:1.
Противник на Турција во четвртфиналето кое се игра во сабота од 18:00 часот ќе биде Холандија која претходно ја елиминираше Романија.