Данскиот ракометен селектор Николај Јакобсен одговори на инсинуациите дека неговата репрезентација дозволила Франција да победи.
Данците уште пред тој меч обезбедија полуфинале, додека на Французите им беше потребна победа или реми за да бидат пред Исланд на табелата.
И покрај тоа што играа без Хансен и Гидсел, избраниците на Јакобсен доминираа 50 минути , за потоа да направат „триколорите“ неверојатен пресврт и да слават во последните секунди.
Поради тоа започнаа инсинуациите на кои одговори данскиот селектор.
„Дадовме се од себе против Франција и јас стојам зад овие зборови. Бесмислени се приказните дека намерно загубивме за да играме против Шпанија, а не со Шведска. Шпанија е одлична комбинација на младост и искуство со одличен селектор, а истото може да се каже и за Шведска. Така што не ја гледам логиката во тие обвинувања. Најважно ни беше да се пласираме во полуфиналето“, изјави Јакобсен.
Потоа дополнително внимание посвети на претстојниот натпревар.
„Очекувам мали детали да го решат мечот со Шпанија. Можеби тоа ќе биде поддршката од трибините која ја посакува секоја екипа. Се надевам дека ќе пристигнат многу нови фанови од Данска. Секогаш имаме голема поддршка на големите натпреварувања“, заклучи Јакобсен.
Во петок од 18 часот на програмата е првиот полуфинален натпревар меѓу Данска и Шпанија, а од 20 часот и 30 минути ќе играат Франција и Шведска.