Предводени од екс-вардарецот Чупиќ и извонредниот Луцин, кој погодуваше кога беше најдобро, а надополнети и од Мартиновиќ, Хрватска дојде до победата во која во тек на цел меч имаше контрола на мечот, а Србија немаше сила да се врати после втората серија во која „каубоите“ дојдоа до најголемите плус пет.
Хрватска во следното коло ја има најлесната задача со Украина, но пласманот сепак ќе им зависи од исходот на мечот Франција – Србија, зашто „орлите“ имаат шанса за пласман и покрај поразот ако успеат да ги победат „триколорите“, само поради фактот што вечерва загубија со три разлика, а Хрватска од Франција загуби со пет. Но, иако Србија ја победи Франција во квалификациите, на ЕП ќе треба да направи чудо за пласман.
Чупиќ и Мартиновиќ дадоа по шест гола, а Луцин додаде пет, додека кај Србија, Радивојевиќ погоди пет, а Кукиќ додаде четири гола.
Во другите мечеви Шпанија ја победи Шведска во второто денешно дерби, победувајќи со 32-28, а Кањелас и Фернандез со по седум гола ја водеа „фуријата“ до триумф, додека Русија славеше во суперинтересен и неизвесен меч против Норвешка со 23-22.