Ракометниот џин Веспрем со победа од седум гола разлика се враќа од Сегедин каде го совлада ривалот во унгарското дерби со 37-30 и на домашен терен само ќе треба да го завери местото во четвртфиналето од ЛШ.
Веспрем тргна фуриозно уште од самиот старт на натпреварот, поведе со 4-0, имаше водство и од 10-4. ПИК Сегед успеа да ја намали негативата и на одморот се замина со водство на гостите од 20-17.
Во вториот дел, Веспрем повторно беше подобриот тим, а ПИК Сегед најмногу што правеше е да дојде до три негатива. На крајот дуелот заврши 37-30 за гостите.
Дескат и Ваилупау со по седум голови беа најпрецизни во составот на Веспрем, Фримел со шест голови беше најефикасниот кај ПИК Сегед.
Веспрем на свој терен треба да го завери пласманот во четвртфиналето, а таму ќе го чека тимот на Алборг.