Завршија континенталните првенства во Европа и Јужна Америка, познати се победниците а со тоа и ривалите кои следната година ќе се судрат за трофејот Финалисима.
Шпанија како победник на Европското првенство и Аргентина како освојувач на Копа Америка ќе играат во 2025 година во дуел на два континенти. Терминот на одигрување уште не е познат, а ќе зависи од резултатите на Шпанија во Лигата на нациите. Ако оваа селекција не дојде до финалето, Финалисима можно е да се одигра во јуни следната година.
Минатото издание се одигра меѓу Аргентина и Италија на „Вембли“ на 1 јуни 2022 година, а Аргентинците го добија со убедливи 3-0.
Во 2025 по четврти пат ќе се одржи овој натпревар меѓу европскиот и јужноамериканскиот првак, а третпат во него ќе игра Аргентина. Токму тие имаат две титули, додека во првото издание во 1985 селекцијата на Франција го победи Уругвај.