Фудбалската репрезентација на Србија има огромни проблеми на стартот на Светското првенство во Катар и пресметката со најтрофејната селекција Бразил, на 24 ноември, зашто многу извесно е дека ќе мора да го игра мечот против „кариоките“ без своите двајца најдобри напаѓачи – Александар Митровиќ и Душан Влаховиќ.
Белградска „Политика“ објави дека десет дена до почеток на Мундијалот, двоецот центарфори сè уште мака мачи со повредите и како стојат работите тие нема да може да играат на првиот меч, иако лекарските екипи прават сè за да ги оспособат.
Митровиќ има скршеница на две коски во стапалото, повреда која ја здобил уште против Шведска во Лигата на нации на 24 септември и првично се чинело дека не станува за сериозен проблем, но после деталните прегледи било констатирано друго и тој сè уште користи патерици. Моментно е во Белград на рехабилитација и под надзор на лекарскиот тим на репрезентацијата со цел да може барем да ги игра клучните мечеви со Камерун на 29 ноември и со Швајцарија на 2 декември.
Влаховиќ, пак, се повреди на меч од ЛШ за Јувентус против Бенфика и веќе две недели е во аут, а потребно му е месец дена пауза зашто сè уште има запаление и истегнување на тетивата, па одвоено тренира во Торино. И за него лекарскиот тим на „старата дама“ вложува напори за да го оспособи, но сè помалку време останува дека може да биде во полн погон до првиот меч за „орлите“.