Џејк Пол ја продолжи својата победничка серија во боксерскиот ринг со застрашувачки нокаут на Тајрон Вудли во шестата рунда од борбата во Тампа.

Јутјуберот требаше да се бори со Томи Фјури, братот на светскиот шампион Тајсон Фјури, но тој го откажа мечот, па набрзина беше организиран реванш со поранешниот шампион на УФЦ, Вудли, кого Пол го победи во август со судиска одлука.

Овој пат Вудли не издржа до крајот на борбата, Пол буквално го разнесе со едно силно кроше.

Во пресрет на борбата Пол му подари на Вудли часовник Ролекс, како благодарност што го прифати натпреварот за кратко време, но првенствено за да му каже дека е „време да го нокаутира“. И навистина, тој го одржа ветувањето.

Ова е негова петта победа откако започна со бокс, а четврта со нокаут. Пред двата судири со Вудли, тој ги победи колегата Јутјубер АнЕсон Гиб и поранешната ѕвезда на УФЦ Бен Аскрен, а ја победи и поранешната НБА ѕвезда Нејт Робинсон со класичен нокаут во втората рунда.