Уште еднаш стигна демонстрација дека ракометен меч на ова највисоко ниво во Европа се добива со 60 минути врвна игра, а се што е под тоа е само привидение за победа. Такво нешто го снајде Вадар вечерва, играјќи добри 40-тина минути, па и солидна завршница, но со очигледни периоди на криза, кои Кил ги искористи за да го сврти исходот во своја полза.
Критични беа минутите околу 40-тата, откако Вардар му даде успешен вовед на вториот дел, одржувајќи ги оние 13-10 од првото полувреме. Разликата беше во тоа што сега Веселин Вујовиќ почна да инсистира на игра „7 на 6“, а возврати со иста мера и Филип Јиха. Се доведоа до тоа кој повеќе ќе греши во нападот, а за жал тоа беа вардарци. Со неколку загубени топки му овозоможија лесни голови на бундеслигашот, а нападот секна цели седум минути.
Кил направи серија од 5-0 и го презеде водството, а потоа таа низа ја протегна и на 8-2, за да поведе со 23-20 во 44. минута . Вујовиќ свика тајмаут, го стави Тимур Дибиров на среден бек, како некое тактичко изненадување, а за миг ја прекина и играта „7 на 6“, но работите не се сменија премногу. Вардар сепак успеа да излезе од бунилото и, барем, да држи приклучок и да си овозможи со добра завршница да се доближи на 24-26 и на 25-27 во последните пет минути.
Сепак, Кил е претерано зрела екипа за да прокоцка таква предност, а со помош на Никлас Ландин стигна до конечниот триумф. Тој го заврши мечот со 11 одбрани и, сепак, си оди дома позадоволен од Мартин Томовски, кој го засени во првото полувреме. Тој беше главната причина за водството од 13-10, со своите 12 одбрани во вистински одбрани моменти. Тогаш функционираше и одбраната на Вардар 6-0 или 5-1 со Бакари Дијало како најистурен, па по долго време играње гол за гол, во последните пет минути стигна наплатата со предност од три гола.
Тогаш Тимур Дибиров постигна седум гола, а во вториот дел додаде уште три, за со десет да биде најефикасниот на теренот. Никој од останатите играчи на Вардар не постигна повеќе од два гола, а такви беа дури шестмина. Кај Кил, Домагој Дувњак одлично го надополни отсуството на Сандер Сагосен и со седум гола беше прв стрелец. Го следеше Никлас Екберг со шест.
Вардар остана на пет бода и на шестото место, Кил има девет, колку и лидерот во групата А, Алборг. Во следното, седмо коло, Вардар му гостува на Пик Сегед.