Во Германија неконтролирано расте бројот на заразени со корона вирусот, и поради тоа постои можност да се воведат правила кои предвидуваат дека сите играчи во Бундес лигата треба да се вакцинираат или да докажат дека го победиле Ковид вирусот.
Фудбалерите на Баерн Минхен Џошуа Кимих, Серж Гнабри, Џамал Мусиала и Ерик-Максим Чупо-Мотинг одбиваат да се вакцинираат, поради што би можеле да добијат забрана за настап за нивниот клуб, пишува германски Спорт1.
Баерн е во големи проблеми бидејќи споменатите четворица играчи не се вакцинирани, а поради мерките кои се на сила клубот тешко функционира. Фудбалерите не смеат да престојуваат со остатокот од тимот во истиот хотел и мора да патуваат одделно на натпреварите.
Баварците во петок ќе играат првенствен натпревар против Аугсбург, што значи дека Кимих, Гнабри, Мусиала и Чупо-Мотинг ќе мора да земат специјален превоз, а во случај Германија да воведат построги мерки ситуацијата дополнително ќе се искомплицира.
Во тој случај, Баерн ќе може да им ја одземе платата на оние играчи кои не сакаат да се вакцинираат и не се вакцинирани за периодот додека ќе отсуствуваат од терените.
Со оглед на тоа што во Германија има голем пораст на бројот на заразени од коронавирус, Бундестагот го усвои Законот за заштита од инфекции, кој овозможува понатамошно спроведување на мерките за борба против пандемијата и по прогласувањето на вонредна состојба.