Израелскиот шампион Макаби направи брејк во плејофот во Евролигата, триумфира во првиот дуел од серијата со Панатинаикос.
На гости во Атина, Макаби победи со 91-87 и покрај тоа што беше во негатива во поголем дел од мечот, во еден период и со 12 поени. Натпреварот го сврте во своја корист во последниот период, на помалку од две минути пред крајот, поведе со 87-82, но Панатинаикос постигна пет поени по ред и се погрижи натпреварот да влезе во егал завршница. Клучната грешка на мечот ја направи Костас Слукас кој при водство на противникот од 89-87, му ја подари топката на противникот по што Нибо погоди две слободни фрлања и го реши победникот. Со тоа Слукас го засени својот одличен ефект во нападот имајќи предвид дека оствари личен рекорд од 13 асистенции.
Во вториот натпревар немаше изненадување бидејќи Реал на домашен терен ја прегази Басконија со 90-74. Со тоа бранителот на титулата му се одмазди на својот ривал за поразот во претпоследното коло од основниот дел кога загуби на домашен терен, но без поголеми последици во однос на конечниот пласман. Целиот меч помина во апсолутна доминација на Реал кој ниеднаш не беше во негатива.
Најефикасен во редовите на Реал Мадрид беше Џанан Муса со 16 поени, додека Маркус Хауард постигна еден поен помалку во редовите на Басконија. Вториот натпревар од оваа серија е закажан за 25 април.