Во хотелот “Дрим ” во Струга, покрај Охридското езеро, и на истекот на реката Црн Дрим се одржа промоција на монографијата „Струшка фудбалска историја“ чиј автор е истакнатиот спортски ентузијаст, поранешниот фудбалски судија од Струга, и поранешен фудбалер на ФК Караорман  Љупчо Мојсоски.

Присуствуваа голем број љубители на фудбалската игра, поранешни фудбалски репрезентативци на Македонија од струшкиот крај и околината, голем број на спортски работници.

Монографијата е издадена по повод 53 години од формирањето на Општинскиот фудбалски сојуз на Струга, еден од најдобрите и најорганизирани фудбалски сојузи во Македонија, во кој своевремено членуваа и фудбалски клубови од општините Охрид, Ресен и Дебар.

Секако своевиден раритет во оваа монографија се сигурно конечните табели на сите досегашни првенства на Општинската лига на Струга. Во неа има и мноштво други податоци кои ќе го привлечат вниманието на пошироката фудбалска јавност.

„Струшка фудбалска историја“ е монографија која сигурно е едно од најубавите и најрепрезентативните изданија за фудбалскиот спорт во Македонија.