Англискиот шампион Манчестер Сити победнички стартуваше во одбраната на титулата во Премиер – лигата. На гостувањето на „Стемфорд бриџ“, тимот на Пеп Гвардиола триумфира против Челси со 0-2.
Ерлинг Халанд во 18.минута го отвори резултатот по проигрувањето од Бернардо Силва. Норвежанецот одлично се снајде во противничкиот шеснаесетник и го надмудри противничкиот голман.
Екипата на Енцо Мареска можеше да го возврати ударот, но ѝ беше поништен гол на Џексон во 45. минута поради офсајд по прегледување на ВАР-снимката.
Мареска направи неколку промени во вториот дел со надеж дека конечно ќе ја пробие одбраната на „граѓаните“, но се случи спротивното и тоа повторно по грешка на домаќинот.
Триумфот на Манчестер Сити го потврди со извонреден соло продор Матео Ковачиќ при што постигна маестрален гол во 84.минута од дуелот.