Германскиот гигант Баерн Минхен триумфираше со 9-2 против Динамо Загреб во првото коло од новата сезона во Лигата на шампиони (ЛШ).
Бундеслигашот ја најави победата уште во првото полувреме со головите на Кејн, Гереро и Олисе, но Динамо на стартот на вториот дел со два погодоци преку Петковиќ и Огивара се врати во живот.
Динамо приреди шеесетсекунден блицкриг и успеаја двапати да ја затресат мрежата на Баварците, а головите ги постигнаа Петковиќ и Огивара во 49. и 50. минута. Се чинеше дека Хрватите добија мотивација плус за остатокот од натпреварот, но Баерн се разлути, повторно го покажа својот квалитет и ги врати работите во своја корист.
Хари Кејн во 58. минута донесе двојна предност (4-2), а потоа и Мајкл Олисе вторпат се запиша во листата на стрелците само три минути подоцна. Динамо се обиде уште еднаш да го ублажи ударот и создаде уште две добри шанси, но Баварците продолжија со торпедирањето и по шести пат го совладаа голманот Невистиќ.
Кејн реализира пенал во 73. минута и оствари хет-трик во првиот елитен меч сезонава, а до крајот Баерн не запре со налетот и до максимум ја наполни гостинската мрежа. Англискиот капитен постигна четврти погодок (исто така од пенал) во 78. минута, а Лирој Сане зголеми на 8-2 само шест минути подоцна. Вистинскиот потоп на Динамо и конечните 9-2 ги потврди Леон Горецка со голот во втората минута од судиското надополнување.
Македонскиот интернационалец Стефан Ристовски доби шанса од првата минута, додека Аријан Адеми влезе во игра од клупата за резервни играчи во завршницата.