Реал Мадрид успешно ја стартуваше одбраната на титулата во Лигата на шампионите. Штутгарт ги намачи „кралевите“ кои сепак на крајот славеа со 3-1.
Реал беше во подредена улога во првиот дел, а Германците дури четири пати се заканија по голот на Куртоа, но тој беше во елемент. Вистинските возбудувања пристигнаа во вториот дел.
Најпрво Реал поведе преку Килиан Мбапе во 46. минута, но Штутгарт постојано се закануваше по страничните позиции. Наградата за овој пристап пристигна во 68. минута, кога Денис Ундав една нафрлена топка со глава ја смести во празната мрежа на Реал (1-1).
Тимот на Анчелоти повторно делуваше како да му недостасуваат идеи во нападот, но тогаш на сцената стапи Антонио Рудигер, кој доби одлична топка по корнерот на Лука Модриќ и по грешната проценка на гостинскиот голман со глава ја заби топката во мрежата во 83. минута.
До крајот на мечот Штутгарт се обиде уште еднаш да се врати во игра, но Реал во самиот финиш го комплетираше триумфот со нов гол. Бразилецот Ендрик ги постави конечните 3-1 во 95. минута со удар од далечина и ја потврди победата за кралскиот клуб.