Еден од најпознатите спортски весници во Италија, „Кориере дела Сера“ му даде висока осмица на македонскиот „дијамант“ Елиф Елмас за неговиот придонес за „скудетото“ на Наполи после 33 години пауза, откако официјално заврши сезоната во Серија А.
Елмас стана само втор Македонец по Горан Пандев кој ја освојува шампионската титула во Италија, а со Наполи доминантно стигна до круната, заверена уште на почетокот на мај и со придонес со шест гола и три асистенции во „скудетото“. Елиф е еден од малкумината фудбалери за врска кои имаа ваков придонес, а од играчите до 23 години, само уште Сандро Тонали имаше ефект од учество со девет гола во калчолигашката сезона.
„Дванаесетиот беше еден од најомилените фудбалери на Лучано Спалети за третата титула на Наполи, најмногу поради универзалноста и можноста да го користи на многу позиции, од класичните централни позиции за врска, преку крилните, па и со улога на ‘лажна деветка’ и центарфор во отсуство на Осимен и Симеоне. Головите и асистенциите, вкупно девет, само го потврдуваат големиот придонес“, стои во образложението за Елмас и неговата осумка за сезонава.
Севкупно Наполи за сезоната доби деветка, а оваа оценка ја добија и тренерот Лучано Спалети, како и Џовани Ди Лоренцо, Ким Мин Јае, Станислав Лоботка, Виктор Осимен и Квича Кварацхелија.
Елмас веќе четири години е дел од Наполи откако дојде од Фенербахче за 16 милиони евра во летото 2019 година, а сезонава еднаш беше и капитен на Наполи на официјален меч во Купот на Италија и беше најмлад капитен по Лоренцо Инсиње.