Екипата на белградски Партизан е вториот финалист на јадранската АБА лига, откако вечерва ја доби “мајсторката“ против Цедевита Олимпија со 90-71. Резултатот во серијата во пресрет на овој натпревар беше израмнет, 1-1, но Партизан вечерва немаше проблеми на свој паркет да забележи убедлива победа и да ја предизвика Црвена Звезда во финалето на регионалното натпреварување.
Сепак, одигрувањето на финалната серија, којa се игра до три победи, е под голем знак прашалник, бидејќи “црвено-белите“ од Белград неколкупати изјавија дека нема да го играат финалето доколку не се променат предвидените термини. Црвена Звезда бара финалето на АБА лигата да започне дури откако ќе заврши финалната серија на првенството на Србија.
Првиот меч во серијата би требало да се одигра на 12 јуни, а предноста на домашен терен би ја имал Партизан.