Фиорентина или Вест Хем, вечерва од 21 часот во Прага, ќе решаваат во Конференциската лига кој ќе ја наследи Рома како победник во третото по ранг натпреварување, откако лани „волчицата“ стана првиот освојувач на пехарот во најновото натпреварување на УЕФА.
И за Фиорентина и за Вест Хем, ова е историска шанса, зашто прв и последен пат, се радувале на европски пехар во почетоците на европскиот клупски фудбал – во 60-те години од минатиот век. И двата тима имаат по еден трофеј во некогашниот Куп на националните куп-победници, Фиорентина во 1961 година го освои трофејот, а Вест Хем четири години потоа, во 1965 година.
Во Прага се очекува вистинска битка и нијанси да решаваат за тоа кој ќе биде годинешниот освојувач на Конференциската лига. За Фиорентина самото финале е историско, зашто е прв и единствен тим кој има финалиња во сите натпреварувања на УЕФА, од Купот на европските шампиони, сегашната ЛШ, преку Купот на УЕФА, сегашната Лига Европа, освоениот КПК и сега Конференциската лига.
„Ова беше една неверојатна авантура од плејофот во Холандија на почетокот на сезоната, преку 14 неверојатни мечеви и сега шанса да освоиме трофеј. Вест Хем е еден од најсилните во оваа сезона во ова натпреварување, тоа го докажа со пласманот во ова финале, имаат исклучително добри фудбалери, многу силни, но и ние сме силни штом сме тука во финалето. Спремни сме за да дојдеме до трофејот“, рече Виченцо Италијано, стратегот на „виолетовите“.
„Чеканите“ од Лондон имаат одличен тим, но дури во завршницата на сезоната беше обезбеден опстанокот во Премиерлигата, иако амбициите на стартот на сезоната беа многу поголеми. Сега освојувањето на евро-титула ќе избрише сѐ лошо од сезонава и единствена е шансата и вгодина да се биде дел од европските натпреварувања ако се победи во Прага.
„За секого да се биде дел од европско финале е посебна возбуда, секако и за мене и се надевам дека ова е старт за Вест Хем во еден многу подобар период во кој најдобрите години допрва ќе доаѓаат за клубот. Фиорентина е импресивна, посебно по СП, веќе играа финале во Купот на Италија и јас знам дека нѐ чека тежок ривал, италијанските екипи секогаш се тежок ривал“, рече Мојс.
Стадион „Фортуна Арена“, капацитет 20.000 гледачи, судија Карлос Дел Сиеро Гранде (Шпанија)
ФИОРЕНТИНА: Терчано – Ѐдодо, Миленковиќ, Раниери, Бираги – Амрабат, Мандрагора – Гонзалез, Бонавентура, Куаме – Јовиќ
ВЕСТ ХЕМ: Ареола – Керер, Зума, Агерд, Кресвел – Соучек, Рајс – Бовен, Пакета, Бенрама – Антонио