Екипата на Рајо Ваљекано со пресврт славеше победа над Осасуна на домашен терен и со 3-1 (0-1) дојде до трите бода во натпревар од петтото коло во шпанската Примера.
Потегот на натпреварот го направи Абдул Мумин, кој во 50. минута постигна маестрален и ретко виден гол за израмнување на резултатот, а водството за домаќините го донесе Андреј Ратиу, кој исто така постигна убав гол шеснаесет минути подоцна.
Осасуна водеше по првите 45 минути, со голот на Раул Гарсија, но гостите не успеаја да ја задржат предноста и се враќаат дома без бодови. Победата ја потврди Унаи Лопез, кој ги постави конечните 3-1 во судиското надополнување, поточно во 95. минута. Дебитантски настап во дресот на Рајо имаше и повратникот во Примера, Хамес Родригез, кој влезе во игра во 86. минута.
За тимот од Ваљекас ова е прв триумф по два последователни порази, додека Осасуна останува на седум бода, доволни за единаесеттата позиција на табелата.