Хрватска ја совлада Унгарија во луда завршница (31-30) и оствари пласман во полуфинале на СП, но во вториот натпревар во „Арена Загреб“ имаше уште полуд крај, како да беше во режија на големиот Хичкок.
Француската селекција имаше водство во последните триесет секунди со 33-32, а селекторот на фараоните Хуан Карлос Пастор одлучи да ризикува. Египќаните тргнаа во напад со „седум на шест“ што вроди со плод па на три секунди до крајот Јахја Омар погоди за израмнување. Голманот Дезбоне веднаш топката ја фрли за контра, Лука Карабатиќ ја прими на центарот и шутираше во празниот гол а голманот Хендави немаше време да дотрча пред голот.Хендави немаше можност да го фати ударот на Карабатиќ од центарот на игралиштето. Македонските судии Николов и Начевски отидоа да го гледаат видеото за да ја проверат регуларноста, а топката ја помина линијата од голот на три десетинки пред да се огласи сирената.