Најдобриот македонски ракометар на сите времиња, кој не можеше да помогне на теренот поради повреда, тренерското деби на големите натпреварувања му донесе разочарување, пред сѐ поради фактот што сметаше дека неговиот тим заслужи најмалку еден бод.
„Горд сум поради начинот на кој моите момци го одиграа натпреварот, со оглед што Словенија има ракометари кои играат во најдобрите тимови во Европа. Истовремено, разочаран сум затоа што мислам дека заслуживме најмалку бод, па дури и два. Ги уморивме и надигравме, но не верувавме до крај дека можеме да ги добиеме. Пробав да ги убедам, но на крај не успеав во тоа и затоа сум разочаран. На прав пат сме и треба да продолжиме така. Треба да го заборавиме поразот и да одиграме два добри натпревари до крајот на првата фаза. Прво треба да ја добиеме Црна Гора, па потоа да мислеме и на Данска. Секој меч е тежок на големо натпреварување, но мислам дека ќе бидеме сѐ подобри и подобри. Во моментов чувството е добро, но мислам дека утре кога ќе се разбудиме ќе се чувствуваме лошо“, изјави Лазаров.
Следниот меч на Македонија е задутре (сабота) против Црна Гора исто така во Дебрецин.