Македонската ракометна репрезентација на дебито на Европското првенство започна со пораз од Словенија со 27-25 (13-10).
Во ситуација кога Кирил Лазаров поради повреда не беше во можност да помогне целиот товар го презедоа останатите ракометари.
И во една ваква ситуација се покажавме силни и мотивирани. Ракометарите играа со срце, храбро, покажаа дека во оваа генерација има материјал, Македонија има иднина. Се држеа до самиот финиш не им дозволија на Словенците лесно да се радуваат на бодовите.
Блескаше Мартин Томовски, мечот го заврши со 13. интервенции, една од седум метри. Цветан Кузманоски со седум гола од осум обиди е прв стрелец.
Добро го отворивме мечот со 0-3 и три одбрани на Томовски, имавме и 1-4, но потоа следеше експлозија на фаворитот.
Словенија ја користеше секоја наша грешка, врати со шест гола во низа, во 12. минута поведе со 7-4. Не се предадовме, Кузманоски од седум метри го прекина налетот на Словенците, имавме две шанси да израмниме, но не ги искористивме и тоа со играч помалку. Тоа го сторивме подоцна, со два гола на Кузмановски и еден на Талески, Македонија израмни на 8-8 во 19. минута, Томовски беше одличен на голот.
Брзоплетоста беше нашиот проблем, грешевме кога и Словенците беа под нивото. Лесно можвме да го вратиме водството. Доброто беше што брзо се издигнувавме, израмнивме на 9-9, а потоа и на 10-10, но во последните две минути од првото полувреме примивме три гола за (13-10).
Лазаров во второто полувреме се обиде со „седум на шест“, тоа им го отвори широко патот на Слоовенците, за првпат на мечот поведоа со 17-12 и тоа по само три и пол минути игри.
Но, цврстата одбрана и добрата реализација ја вратија неизвесноста. Нашите момци играа со голема самодоверба, Талески, Кузмановски и Цветан Кузманоски, се погрижија Македонија да дојде на 19-18 во 40. минута, пропуштивме напад за израмнување.
Од овој момент, Македонија влезе во серија на грешки, нашиот најголем проблем беа токму тие брзоплети потези, промашувавме кога имавме широко отворен пат кон голот на противникот, па на средината на второто полувреме беше (21-18).
Фитиљ во вистинско време го најде патот до мрежата на Словенците, бевме блиску, но далеку, ни требаше лидер што ќе не повлече во нападот, во вакви моменти искуството на Лазаров на теренот беше и тоа како потребно.
Томовски со 12. интервенција, ја врати вербата во редовите на Македонија, по голот на Стоилов и неговата одбрана, Кузманоски реализираше за 23-22 на седум минути до крајот.
И тука некако падна темпото, не успеавме да направиме уште еден „јуриш“ за целосен пресврт, сепак Словенија во своите редови има далеку поисксуни ракометари, кои играат во големи клубови. Да беше Лазаров во тимот можеби на теренот ќе беше поинаку.
Македонија во следното коло игра против Црна Гора, дуелот е закажан за во сабота.