Шест играчи и двајца членови на стручниот штаб се заразени во црногорскиот табор, но од тамошната ракометна федерација не соопштија имиња. Кои и да се, веднаш се пратени во изолација, а според најновата насока од ЕХФ, таму ќе мора да осанат минимум пет дена. По таа пауза, сите заразени ќе мора да имаат два негативни тестови на Ковид-19 за да можат да ѝ се приклучат на репрезентцијата, што значи селекторот Зоран Рогановиќ ќе отпатува за Деврецен без нив.
За првиот дуел, против Данска на 13 јануари ни математички не може да бидат достапни, а не е многу различна ситуацијата и за мечот со Македонија на 15 јануари. Дури и да се случи сите шестмина играчи (и двајца од стручниот штаб) да немаат симптоми и последици по здравјето, па по петте дена да се покажат негативни на два теста едноподруго (шести ден), тогаш би требало експресно да допатуваат до Дебрецен и без тренинзи цела недела да излезат на мегдан со црвено-жолтите.
Пред ова тестирање, Црногорците претходно имаа четворица заразени, од тестовите на 4 јануари, така што нивниот ритам на подготовките веќе е уништен. Ваков проблем имаа, речиси, сите учеснички на ЕП во Унгарија и во Словачка, поради што ЕХФ го скрати задолжителниот период за изолација по регистриран позитивен тест од 14 на пет дена. Македонија е една од ретките, засега, што немаше позитивни случаи, но РФМ се уште ги нема соопштено резултатите од денешното тестирање. Следното и последно пред ЕП е на 10 јануари, в понеделник, на ден пред да заминат за Дебрецен.