Ракометните репрезентации на Данска, Норвешка и Шведска остварија лесни и убедливи победи во своите први натпревари од Европското првенство во Германија.
Данска ја победи Чешка со 23-14 благодарение на второто полувреме во кое на противникот му дозволи само пет гола. Микел Хансен погоди пет пати, а Ландин и Питлик по четири. Кај Чешка, во листата на стрелците се запишаа само четворица ракометари, а најефикасен беше Пацел со четири гола.
Шведска на сличен начин ја победи БиХ со 29-20 со тоа што, за разлика од Данска, доминираше во првото полувреме кое го доби со 14-7. Ване постигна девет гола за Швеѓаните, додека Фаљиќ со четири беше најефикасен во босанската репрезентација.
Дерби пресметката требаше да биде дуелот меѓу Норвешка и Полска, но Норвежаните буквално го прегазија својот ривал, совладувајќи го со 32-21. Сагосен со шест гола беше најефикасен на дуелот, а Род додаде пет, колку што имаше и Сичко во полската селекција.