По пауза од девет години, Металург, го врати трофејот во Автокоманда откако во финалето од Купот на Македонија целосно го надиграа Ѓорче Петров, со резултат 30:27. Металург последниот трофеј во Купот го освои во 2013 година кога направи сензација со големата победа на дрим-тимот на Вардар.
Ѓорче Петров го отвори финалниот натпревар со голот на Коларовска за 0:1, но ракометарките на Јулијана Дамчевска со серија од 4:0, која беше реализирана за три-четири минути, дојдоа до водство од 4:1. Ѓорчепетровки вториот гол го постигнаа во 8 минута од пенал преку Стојановска, за намалување на резултатската негатива на минус два, 4:2. Голманката на Металург, Илјаз, за десет минути имаше три интервенции и нејзината солидна партија меѓу стативите беше наградена од нејзините соиграчки, кои во 10 минута повторно ја вратија предноста на плус три, 6:3.
По водството на Металург од 7:4, екипата на Ѓорче Петров резултатски се врати во игра кога со погодоците на Николовска и Стојановска го израмни резултатот на 7:7. Металург искористи дел од грешките на противникот и при крајот на првиот дел зголеми на највисоки четири гола разлика, 12:8. Овие четири гола предност за Металург беа голема психолошка предност, додека екипата на Ѓорче Петров беше под голем притисок за камбек во натпреварот.
Притисокот си го направи своето, техничките грешки се зголемувааа во таборот на Ѓорче Петров, Илјаз повторно се разбрани во завршниот дел и одличната игра на Металург резултираше со убедливо водство од 16:10. Ракометарките на Симе Симовски го ублажија водството на противникот и на пауза заминаа со негатива од минус четири, 16:12.
Ракометарките на Металург како што започнаа во првиот дел, така продолжија и во вториот, за две минути постигнаа три гола за убедливо водство од 19:12. Ваквиот резултат значеше дека Ѓорче Петров ќе треба да пружи повеќе од својот максимум и да се надева на евентуален камбек.
Металург започна да го води натпреварот кон победа, зголеми на осум разлика, 21:13, а во 40 минута имаше и највисоки плус девет, 23:14. Следуваше период на опуштање во редовите на Металург, опуштање кое што беше искористено од Ѓорче Петров за минус пет, 23:18. Во последните осум минути се влезе во понеизвесна завршница со резултатскиот приклучок на Ѓорче Петров. На шест минути пред крајот резултатот гласеше 27:23 за составот на Дамчевска. Сепак, во последниот дел не дојде до пресврт, иако, Ѓорче Петров имаше шанса. Металург ја завери победата и се израдува на петтата Куп титула во својата клупска историја.
Најефикасни во победничката екипа беа Ива Младеновска со девет и Ива Божиноска со осум погодоци. Кај Ѓорче Петров прв стрелец беше Симона Стојановска со девет погодоци.
По завршувањето на финалниот натпревар беа доделени и индивидуалните признанија на Ф4 турнирот.
За МВП односно најкорисна ракометарка беше прогласена и за најдобар стрелец беше прогласена Ива Младнеовска, која постигна 19 погодоци.
Најдобра голманка на Ф4 турнирот во Купот беше исто така од редовите на освојувачот на Купот, Амра Илјаз.