Натпреварот против Чешка во Скопје можеби е еден од најважните за оваа ракометна генерација на Македонија. Влогот е голем, а ремито во Злин, иако можеше да биде победа, влева надеж дека континуитетот на учества на големите собири ќе продолжи.
Филип Кузмановски, еден од нашите најдобри ракометари, е оптимист пред реваншот со Чесите. Тој вели дека со големата поддршка од публиката нема да постои психолошка исцрпеност, туку поголема мотивацијата за победа и пласман на Светското првенство во Шведска и Полска следната година.
„Бевме максимално подготвени за Чешка, мислам дека не нè изненадија со ништо. Имавме кратко време за подготовки за првиот натпревар, но покажавме дека можеме да се надигруваме со нив, особено во одбраната, што беше една од нашите задачи, исто како и од полуконтра да направиме разлика. Можеби се изненадивме дека водевме седум разлика. На крај непотребно се опуштивме и ни е криво за тоа. Сега имаме шанса. Да ни го понудија ремито пред натпревар ќе го прифатевме. Сега нè очекува нов тежок натпревар, но со 7.000 публика не постои психолошка исцрпеност, туку мотивацијата е уште поголема. Но, тоа мора да го покажеме на терен и да се пласираме на Светско првенство“, вели членот на Хановер.
Кузмановски игра во одлична форма во овој дел од сезоната и од него се очекува да биде еден од предводниците на Македонија во неделниот натпревар со Чесите.