Машката ракометна репрезентација на Македонија останува без уште една легенда во својот ростер. Филип Миркуловски, еден од најдобрите средни бекови во нашата историја, потврди дека по натпреварот со Чешка ќе замине во репрезентативна пензија.
Искусниот член на Вецлар, откако го прифати повикот на Лазаров да помогне во репрезентацијата, сега посакува последниот натпревар да заврши со среќен крај.
„Ова е мојот последен натпревар во репрезентацијата. Ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со среќен крај, да победиме во недела и да се пласираме на Светското првенство“, реле Миркуловски.
„Мислам дека за овој втор натпревар ќе бидеме подобро подготвени, бидејќи не гледавме натпревари со новиот селектор Сабате, па сега ќе знаеме што точно нè очекува. Одигравме еден сосема добар натпревар во Чешка. Испуштивме 6-7 голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“, вели Миркуловски.
Членот на Вецлар призна дека во соблекувалната имало мало разочарување по ремито во Злин, но тоа е заборавено и сега сите мисли се насочени кон реваншот в недела.
„По натпреварот во Злин секако дека постоеше чувство на разочараност, требаше да го добиеме дуелот, но сепак мораме и што побрзо да го заборавиме тоа и во недела да одиграме еден сосема нов натпревар. Потребна ни е само победа, што пред два месеци и ќе го прифатевме. Сепак Чешка е квалитетна репрезентација, сигурно е дека нè очекува квалитетна борба. Како што покажаа на првиот натпревар, ќе се борат до последен здив. Треба да одиграме уште еден добар натпревар со многу концентрација и да го добиеме во одбраната“, завршува искусниот ракометар.
Дуелот меѓу Македонија и Чешка ќе се игра во салата „Борис Трајковски“ пред 7.000 македонски фанови.