Филип Кузмановски, полека но сигурно, прераснува во носител на репрезентацијата на Македонија. Бекот има добри настапи во Бундеслигата и неговата форма оди во нагорна линија. Од Кузмановски се очекува многу и на Европското првенство, а на денешниот брифинг со новинарите тој ги изнесе своите очекувања.
Битолчанецот, верува дека и покрај проблемите, репрезентацијата е спремна.
„Максимално сме подготвени. Словенија е многу квалитетна репрезентација, ама мора да сме фокусирани на нашата игра. Не значи дека ако загубиме со Словенците ќе се предадеме, затоа максимално се спремавме и дојдовме тука да се надигруваме. Ривалот има квалитетни играчи кои играат во најдобрите клубови во Европа“, изјави Кузмановски.
Првиот настап на континенталниот собир избраниците на Кирил Лазаров ќе го имаат утре на дуелот со Словенија од 18:00 часот во Дебрецин.