Ракометарите на Вардар му се одмаздија на Пелистер за поразот во дербито на 6 мај (23-26), откако денеска во салата „Билјанини Извори“ во Охрид триумфираа со 26-25 и го освоија 16. трофеј во Купот на Македонија.
На стартот на натпреварот се играше неефикасно во нападот и по седум минути игра беа постигнати само четири гола (3-1), но потоа Вардар влезе во одличен ритам и набрзо стигна до 8-3.
Пелистер не се предаваше и се обидуваше да ја намали негативата, но „црвено-црните“ имаа одговор на сите напади на битолскиот тим, па така на полувреме заминаа со предност од 16-12.
Избраниците на Недановски повторно имаа проблеми во нападот во завршницата од мечот, а тоа му овозможи на Пелистер да намали на два гола негатива (22-24) , а потоа на само една минута пред крајот битолчани намалија на 25-26 за драматичен финиш, но Вардар ја задржа предноста и го освои пехарот.
Најдобри во редовите на Вардар беа Куни Моралес и Леонардо Дутра со по седум голови, додека кај Пелистер по пет погодоци постигнаа Усама Хосни и Мохамед Суси.