Дејвис дојде сезонава како замена за Веселин Вујовиќ, кој го напушти кормилото после серијата на порази во Лигата на шампионите и вардарци успеаа да го освојат трофејот во Купот на Македонија, а се многу близу и да ја одбранат шампионската круна после триумфот во клучното дерби за титула во Битола пред 20 дена. Но, Дејвис сега е на излезна врата и според последните најави многу близу да замине откако официјално ќе заврши оваа сезона.
Во Вардар веќе дојдоа Словенецот Нејц Цехте од германската Бундеслига, како и Црногорецот Божо Анѓелиќ, две нови имиња кои црвено-црните веќе ги промовираа, а пред промоција сега се и Дуарте и Андреев.
Дуарте е лев бек и 31-годишниот португалски репрезентативец како слободен треба да дојде во Скопје зашто му завршува соработката со француски Монпелје. Тој треба да ја пополни позицијата каде е Филип Талески, зашто веќе извесно е дека браќата Њокас ќе си заминат. Инаку Дуарте е поранешен ракометар на Висла Плоцк и Барселона.
Андреев, пак, во Скопје треба да дојде од Чеховски Медведи и треба да биде замена за Жереми Тото, кој си заминува од македонскиот шампион, а останува неизвесна и иднината на Патрик Валчак. Андреев беше дел од руската репрезентација на Европското првенство во 2020 година.