Македонската ракометна репрезентација го остави зад себе вчерашниот незаслужен пораз од Словенија на стартот од Европското првенство во Дебрецин и го насочи фокусот кон утрешниот натпревар против Црнa Гора во рамки на второто коло во групата А.
– Во ниту еден случај не сакам да ја потценам Црна Гора. Напротив, имаат добри индивидуалци, дури можеби и подобри од нашата репрезентација, но мислам дека сме поквалитетни како колектив. Дополнително ќе ја анализираме нивната игра и во овој момент не би сакал да ги отворам картите, изјави Лазаров.
– Во секој случај, не треба да се оптоваруваме со противниците, туку да се концентрираме на себеси. Од нас зависи дали ќе остваруваме добри резултати во иднина или не. Противниците ќе бидат само посилни, бидејќи сите во Европа работат квалитетно. Фокус и концентрација е првото нешто што го барам од играчите. Ме водат и мене емоциите, но имавме премногу индивидуални грешки во краток период против Словенија. Ќе им го пренесам ова на моите играчи на еден позитивен начин и тие треба тоа да си го стават во глава за идните натпревари, додаде Лазаров.
Голманот Мартин Томовски, кој вчера имаше фантастично издание со 14 одбрани во дуелот против Словенците, истакна дека клучно за успех против Црна Гора ќе биде да се коригираат недостатоците од воведниот натпревар.