Ракометарите на германскиот Кил на чудесен начин успеаја да ја надополнат огромната негатива од девет гола од првиот натпревар со францускиот Монпелје и славеа со десет гола разлика 31-21 во возвратниот четвртфинален дуел од Лигата на шампионите, со што си обезбедија учество на завршниот турнир.
Францускиот тим допатува со огромна предност од девет гола која изгледаше недостижна, но успеа да ја „прокоцка“ оваа залиха и на крајот со наведнати глави ја напушти салата. Германскиот гигант водеше со пет гола на паузата (17-12), а во вториот дел тргна во фуриозна офанзива.
Монпелје делуваше загубено на одредени моменти и му дозволи на ривалот комплетно да се врати во игра. Искусниот тим на Кил знаеше како да го искористи сето тоа и на крајот успеа да донесе огромна радост за своите навивачи.
Паниќ ја имаше последната шанса да го „оживее“ францускиот тим, но Мрква беше неверојатен на голот и ги одбрани последните два удари, обезбедувајќи деветто учество за својот клуб на завршниот турнир во Келн. Натпреварот заврши со резултат 31-21, а најдобар поединец кај победниците беше Швеѓанецот Ерик Јохансон со осум постигнати голови.