Ракометарите на данскиот Алборг се пласираа на завршниот турнир во ЛШ, откако во дуелот со Веспрем славеа во реваншот со 33-28. По минималниот пораз во Унгарија, данскиот тим успеа дома да го сврти двомечот во своја корист и обезбеди ново учество на „фајнал-фор“ турнирот во Келн.

Веспрем добро го започна натпреварот, водеше со три гола разлика во два наврати (4-7). Данците се разбудија и направија серија од 6-1. До полувремето Алборг, поведе со највисоки 16-11 и покажа дека е блиску до завршниот турнир во Келн.

Во вториот дел се играше со слично темпо, данскиот тим ја контролираше играта и константно беше во водство. Веспрем во повеќе наврати доаѓаше на само два гола негатива, но во завршницата падна концентрацијата. При резултат 30-28, Алборг го засили темпото и со три гола во гостинската мрежа се пласира на фајнал форот во Германија.

Најефикасен играч на дуелот беше Мадс Хангард Хоксер со девет гола, а му помогна и Ландин со 14 интервенции. Кај гостите по шест погодоци постигнаа Омар Јахја и Микита Ваилупау.