Младата ѕвезда на шпанскиот национален тим, Ламин Јамал, кажа што мисли за зборовите на поранешниот германски голман Јенс Леман, кој ги нарече Шпанците тим од ниски и неискусни деца.
„Па, веќе кажавме дека сите овие работи ни помагаат да излеземе на теренот уште помотивирани. На крајот на краиштата, што друго може да каже? Тој е Германец, ќе се обиде да му помогне на својот тим, но на теренот ќе се види колку сме мали и неискусни“, изјави играчот на Барселона.
Утре четвртфиналните битки почнуваат со големото дерби меѓу Шпанија и Германија. Пред овој дуел поранешниот германски голман, Јенс Леман упати провокација на Шпанците која според зборовите на Јамал само дополнително ќе ги мотивира.
Слично размислува и Емерик Лапорт кој не сака да прави голем настан од изјавата на Леман.
„Не сме зборувале за ова во соблекувалната. Тоа што тој го рече не влијае негативно на нас, дури мислам и дека ни одговара. Тоа значи дека доколку ги победиме, ќе го замолкнеме. Но, да не правиме голема работа од ова“, рече Лапорт.