Пикерот на поранешниот двократен европски шампион Вардар, македонскиот репрезентативец, Милан Лазаревски имаше солиден настап против моќната Франција (29-39), а во пресрет на останатите дуели прави споредба меѓу ривалите на домашната сцена и на Европското првенство.
Лазаревски посочи дека има добри тренинзи и во Вардар, каде што ментор му е поранешниот македонски репрезентативец Столе Стоилов кој го научил како да се носи со најдобрите во светот.
„Неспоредливо е кога играте на домашна сцена и на вакво големо натпреварување како што е Европското првенство. Конкуренцијата и противниците се на друго ниво, но сметам дека подготовката која ми е на клупски план е квалитетна. Во Вардар имам фантастичен стручен штаб и ментор како Столе Стоилов, кој добро ме спреми. Мислам дека ја искористив шансата која ми беше дадена и дека ќе бидам уште подобар во следните натпревари“, вели Лазаревски.
Македонија в недела ќе игра против Германија во второто коло од групната фаза, додека третиот меч е закажан за 16 јануари против Швајцарија.