Во првото полувреме немаше многу шанси, вкупно пет на двете страни, додека во вториот дел фудбалерите заиграа поактивно во нападот и Франција се закани дури 12 пати, но Диого Коста беше на висина на задачата.
Полушанси имаа Гризман, Камавинга, Мбапе, Коло Муани, меѓутоа ништо вредно за издвојување и на одмор се замина со почетниот резултат.
Во вториот дел шанси за гол имаа Фернандеш, Кансело и Витиња за Португалците, меѓутоа Мењан го спаси својот гол. Французите во завршницата имаа неколку обиди. Коло Муани имаше колосална можност, меѓутоа Дијаш го блокира неговиот удар. По него во шанса имаше Камавинга, но шутираше крај голот.
Португалија, исто така, имаше осум обиди кон голот на Мајк Мењан, но чуварот на мрежата на Франција не дозволи да се затресе неговата мрежа.
Интересно беше и во продолженијата каде што двете репрезентации се закануваа, но мечот мораше да се решава во пенал-рулетот. Французите беа непогрешливи од белата точка, додека Феликс промаши кај Португалците.
Прв од белата точка погоди Дембеле, а по него и Роналдо. Следеа голови на Фофана и Силва, перфектен пенал изведе Кунде, а потоа Феликс погоди статива. По голот на Баркола, фантастичен шут изведе Мендеш. За клучниот пенал одговорноста ја презеде Тео Хернандез, а тој ја испрати во аголот за полуфинале на триколорите против селекцијата на Шпанија.
Франција во полуфиналето на ЕП ќе се судри со Шпанија, која претходно беше подобра од Германија.