Фудбалерите на Аргентина на пенали ја совладаа селекцијата на Еквадор со 4-2 (1-1) и се пласираа во полуфинале на Копа Америка. Натпреварот на „НРГ Стадион“ во Хјустон беше драматичен и на крајот решаваа ударите од единаесет метри, а повторно херој беше велемајсторот за одбрана на пенали Емилијано Мартинез.
Двојна шанса на почетокот на мечот имаше Еквадор преку Сармиенто и Паез, меѓутоа еднаш одбрани Мартинез, а во вториот обид топката заврши над голот. На водечки гол се чекаше до 35 минута, кога резултатот го отвори Лисандро Мартинез. Стоперот на Манчестер Јунајтед со глава успеа да го матира противничкиот голман по асистенција од Мек Алистер (1-0) за водство на Аргентина.
Во вториот дел Еквадор доби пенал а капитенот Енер Валенсија ја погоди левата статива. Имаше по некоја шанса пред двата гола, а на гол се чекаше до самиот финиш. Тогаш Еквадор успеа преку Кевин Родригес со глава да дојде до израмнување (1-1). Иако голот се проверуваше во ВАР собата, судијата само го потврди и одлучуваше пенал рулетот.
Пенал серијата ја отвори големиот Лионел Меси и тоа неславно. Најголемата аргентинска ѕвезда се обиде со „паненка“, но ја погоди пречката. За негова среќа Мартинез ги одбрани следните два пенали на Мена и Минда и Аргентинците поведоа. Еквадорците погодија уште преку Јебоа и Каиседо, меѓутоа на спротивната страна сите пеналџии беа сигурни, па со головите на Алварез, Мек Алистер, Монтиел и Отаменди беше осигурана победата (4-2).
Во полуфиналето Аргентина ќе игра со победникот од дуелот помеѓу Венецуела и Канада.